Статии и Совети

Бојата на килибарот

Додадена на: 29.01.2018

 

Не постои одговор на прашањето каква боја има килибарот. Ова е поради тоа што оваа природна смола ја има во многу различни нијанси, што е уште еден фасцинирачки факт за овој природен скапоцен камен. Се до денес, откриени се повеќе од 250 различни нијанси и 7 бои на килибарот кои варираат од жолта до портокалова па дури и бела. Исто така постои и зелен и син килибар, меѓутоа овие бои се многу ретки. Сепак сите претходно спомнати бои се редовно користени за изработка на накит.

Постојат два главни фактори за кои е познато дека влијаат на бојата на килибарот. Еден од нив се меурчињата кои можат да се најдат во оваа природна смола. Меурчињата кои ги има килибарот ја блокираат светлината што поминува низ каменот и токму овие светлосни попречувања прават килибарот да се формира во различни бои. Вториот фактор кој што ја одредува бојата на килибарот е видот на дрвото на кое се создавал. Истражувањата покажале дека некои од боите на килибарот се најдени само на одредени видови дрвја. Треба да се спомне и фактот што бојата на овој скапоцен камен може да се модифицира со боење или пак загревање.

1.    Жолт килибар.

Оваа боја е најчеста боја на килибарот со оглед на тоа дека околу 70% од килибарот се наоѓа во оваа боја. Може да се јави и во кафенкава боја исто така. Обично оваа боја на килибарот се наоѓа во Балтичкиот регион и е ценета од голем број на индивидуи заради високиот квалитет на килибарот.

Колку е темна или светла жолтата боја на килибарот, зависи од бројот на меурчиња во него. Односно, колку е поголем бројот на меурчиња, толку е посветла нијансата на килибарот. Во жолт килибар се вбројуваат повеќе нијанси, почнувајќи од светло жолта или лимон, млечна, медова, портокалова па се до потемните како што е коњакот.

 

2.    Зелен килибар.

Само 2% од килибарот во светот има зелена боја и поради тоа е многу популарен. Понудата на оваа боја е доста висока на пазарот, а цената обично зависи од тоа колкава е јачината на зелената боја на каменот. Односно, жолто-зелениот килибар чини помалку од темно зелениот. Секако, бидејќи зелениот килибар го нема во големи количини природно, истиот може да се добие со загревање на жолтиот килибар, што е и чест случај кај производителите на накит. Оваа боја на килибарот е повпечатлива во комбинација со сребро, па поради тоа производителите на накит го комбинираат со сребро при изработката. Во минатото луѓето верувале дека оваа боја има моќ да донесе бесмртност и среќа.

 

3.    Црвен килибар.

Оваа боја исто така е позната и како вишна боја. Сепак црвената боја кај килибарот многу ретко се наоѓа како природна (околу 2-3%). Во повеќето случаеви се добива преку изложување на килибарот на многу висока температура, а сировите камчиња се секогаш повеќе барани од полираните, заради поприродниот изглед кој го имаат. Според археолошки откритија, прстени од црвен килибар биле најдени во историски гробови, што укажува на тоа дека ги носеле богати луѓе од праисторијата. Бидејќи оваа боја била многу ретка во тоа време, само многу богатите луѓе можеле да си дозволат да имаат ваков накит. За разлика, денес не е многу тешко да се најде црвен килибар или накит со црвен килибар, а исто така и не е премногу скап.

 

 

4.    Син килибар.

Синиот килибар е многу редок за наоѓање па поради тоа е и многу високо проценет. Денес многу мали количини на природна сина смола се достапни за купување. Само 0,2% од килибарот се наоѓа во сина боја. Уникатноста на оваа боја е тоа што синиот килибар треба да биде поставен на соодветно светло за да се види сината нијанса. Во спротивно, килибарот е жолт или кафеав. Исто така, синиот килибар содржи флуоросценти кои се претвараат во многу светло сина боја доколку се изложат на флуоросцентно светло. Ваквиот килибар во поголеми количини може да се најде во Доминиканската Република, а поретко во Балтичкиот регион. Во античкиот период се верувало дека синиот килибар помага во контролирање на духовите на воздухот, огнот и водата, како и за добивање благослови од Боговите. Поради ова, овој килибар бил често носен од Главните Свештеници.

 

5.    Темен килибар.

Темниот килибар се наоѓа во околу 15% од вкупниот килибар. Карактеристично за овој вид на килибар е тоа што не е целосно фосилизирана смола туку се формирало при мешање на смолата со почва или некои други остатоци. Доколку едно парче темен килибар се гледа наспроти светлина се забележува дека е всушност друга боја. Обично тоа е или кафеав или темно црвен.