Статии и Совети

Како настанал килибарот

Додадена на: 23.01.2018

 

Килибар, минерал познат под многу имиња како BYRSZTYN BALTYCKI, SUCCINUM, ELEKTRON, AMBER, BERNSTEIN, AMBRA, KERBA, JANTAR, RAV, GINTARAS, GINTARAS KEHRIBAR, БУРШТИН, BOROSTYAN, SUKCENO, MERIPIHKA, CHIHLIMBAR, ĆILIBAR… е фосилизирана смола од иглолисни дрвја Pinus Succinifera, формирана преку природна полимеризација на оригиналните органски соединенија, која настанала во природни услови пред повеќе милиони години. Најстар килибар кој е откриен до денес е од пред 320 милиони години. Неговиот хемиски состав покажува дека е многу сличен со смолата од дрвја кои имаат цвет, но не постојат фосили од овие примероци. Килибарот почнува да изобилува долго после тоа, дури во раното кредено доба, пред 150 милиони години. Во терциерниот период на олигоценската епоха (го опфаќа временскиот распон од пред 33,9 до 23 милиони години), од огромните четинари од родот бор, во густите шуми во некои делови на светот, почнала да тече леплива смола која навлегувала во внатрешните пукнатини на дрвјата собирајќи со себе разни остатоци како лисја, пердуви, инсекти, семиња. Како што напредувал геолошкиот развој овие дрвја паднале и биле носени од реките до крајбрежните региони. Тука дрвјата и нивните смоли биле покриени со седименти и со текот на милиони години се претвориле во килибар.

Слика 1. Pinnus Succinifera (лево) и Hymenaea spp (десно)

Молекуларната полимеризација што произлегува од високи притисоци и температури произведени од прекумерни седименти, прво ја трансформира смолата во копал. Постојаната температура и притисокот ги истураат терперните и  копалот резултира во формирање килибар. За да се случи ова, смолата мора да биде отпорна на распаѓање. Многу дрвја произведуваат смола, но во најголем дел од случаевите таа е уништена од физички и биолошки процеси. Изложеноста на сонце, дожд, микроорганизми (како што се бактерии, фунги) и екстремните температури имаат тенденција да ја дезинтегрираат смолата. За таа да преживее доволно долго за да стане килибар, мора да биде отпорна на ваквите услови или да се произведе во услови кои ги исклучуваат претходно спомнатите.

Слика 2. Смола 

Килибарот е хетероген по состав, но се состои од повеќе смоли кои се повеќе или помалку растворливи во алкохол, етер и хлороформ, поврзани со нерастворлива битуминска супстанца. Тој претставува макромолекула со слободна радикална полимеризација на неколку прекурзори во лабданската фамилија. Како што килибарот старее со годините се повеќе полимеризира, а заедно со дополнителни хемиски процеси ги добива денешната форма и состав.

Слика 3. Парче необработен килибар

Килибарот во Европа се дели на две категории. Едната е познатиот Балтички килибар а втората е килибар од Агатис (Ahathis) групата. Фосилизираната смола од Северна и Јужна Америка и Африка е слична со денешниот вид дрвја Хименаеа (Hymenaea), додека Балтичкиот килибар пак доаѓа од фамилијата Сциадопиацеа (Sciadopityaceae) кои постоеле во Северна Европа.

Слика 4. Agathis - Dammara Australis (лево) и Sciadopityaceae (десно)

Најновите проучувања на хемискиот состав на килибарната смола покажале дека балтичкиот килибар настанал со фосилизација на смола која е многу слична со смолата на денешните џиновски дрвја од родот agathis (Dammara australis), кои растат во Југоисточна Азија и во Нов Зеланд. Во природна состојба балтичкиот килибар денес се наоѓа во крајбрежниот појас на Балтичкото Море, особено на неговите југоисточни брегови долж т.н. “килибарен брег”.